Убедлив триумф на гости кај Ангели!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром продолжуваат во одличен ритам и ја запишаа третата последователна победа во Супер лигата, откако убедливо славеа на гостувањето кај Ангели во Кисела Вода со 78-55. Актуелниот шампион уште од самиот старт го наметна темпото и по првите десет минути поведе со 26-12, поставувајќи цврсти основи за уште еден сигурен триумф.

Иако вториот период беше резултатски израмнет, „сино-белите“ повторно притиснаа силно во третата четвртина, која ја добија со 20-10, со што целосно ја отворија разликата и ги решија сите дилеми околу победникот.

МЗТ Скопје настапи без капитенот Дамјан Стојановски поради настинка, но тимот и покрај отсуството демонстрираше ширина и стабилност во играта. Неколкумина играчи имаа значаен офанзивен и дефанзивен придонес:

  • Илајџа Мекејден – 15 поени и 5 скока
  • Андреј Магдевски – 12 поени, 6 асистенции и 5 скока
  • Чарлс Гил – 12 поени и 5 скока
  • Хуан Дејвис – 8 поени и импресивни 12 скока

За тимот нема време за одмор, бидејќи веќе в понеделник (27.10) го очекува нов суперлигашки предизвик – гостување кај Гостивар, во уште еден важен дуел во трката за врвот.