Двојаковски ново засилување за МЗТ Скопје

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Оливер Двојаковски, од денеска и официјално е нов член на МЗТ Скопје Аеродром. Станува збор за 27-годишниот центар, висок 204 сантиметри, кој пристигнува како дополнително засилување во рекетот на „сино-белите“.

Двојаковски ќе ја зајакне центарската линија на тимот, особено поради здравствените проблеми со кои се соочија неговите нови соиграчи, Милош Копривица и Андреј Андоновски. Иако нивните повреди не се сериозни, стручниот штаб предводен од тренерот Васко Атанасов реши да ја зголеми конкуренцијата под кошевите.

Новиот член на МЗТ Скопје својата сениорска кариера ја започна во Шпанија, а македонската кошаркарска публика го памети по настапите за Куманово, Пелистер, Еуро Никел и Работнички.

Двојаковски е веќе регистриран и подготвен за своето деби во дресот на МЗТ Скопје, кое ќе го има в недела, кога тимот ќе гостува кај МКК Куманово. Натпреварот е закажан за 18 часот.