Убедлива победа над Феникс во првиот контролен меч пред новата сезона!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до убедлива победа во првиот од серијата пријателски средби во пресрет на новата сезона, откако синоќа, во салата СРЦ Кале, го совладаа тимот на Феникс со 106-68 (19-20, 23-11, 22-17, 22-13, 20-7) во меч во кој со договор на двајцата тренери беа одиграни пет четвртини.

На паркетот се гледаше дека на нашите момци сѐ уште им се „тешки нозете“ по напорните тренинзи од стартот на подготовките, но тоа не беше пречка до израз да дојде нивниот квалитет. Повратникот Андреј Магдевски и новите засилувања Брандон Слај и Милош Копривица покажаа дека ќе бидат одлично пополнување на веќе одличниот тим со кој располагавме. Марко Миловановиќ со 14 поени беше најпрецизен во нашиот тим на оваа средба, Марин Петков и Војдан Стојановски постигнаа по 12 поени, додека Марко Баковиќ и Магдевски реализираа по 11 поени.

Нашиот следен контролен дуел е закажан за задутре (петок) и тоа против вечниот ривал Работнички (20.30 часот) во полуфиналето од турнирот „Андреј Грковски-Тафта“ во организација на ТФТ.