Адем Мекиќ повторно во дресот на МЗТ Скопје!
Македонскиот репрезентативец и еден од најголемите миленици на аеродромската публика, Адем Мекиќ, повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром! Клубот ја известува спортската јавност и своите навивачи дека искусниот бек денеска официјално стави потпис на договор кој ќе го задржи во нашите редови во следните една и пол сезона.
За Мекиќ ова претставува вистинско враќање дома, со оглед на тоа што ова ќе биде негов трет мандат во сино-белиот табор, по претходните успешни периоди од 2014 до 2017 и од 2020 до 2023 година. Со нашиот тим тој веќе има освоено пет шампионски титули и трофеи во Купот на Македонија, секогаш оставајќи го срцето на паркетот и покажувајќи со својот однос што значи да се бори за светиот дрес.
Во Аеродром пристигнува со богато меѓународно искуство и по освоената двојна круна во Хрватска со екипата на Задар. Неговото враќање носи дополнителна цврстина, препознатлива енергија и шампионски менталитет во пресрет на клучните битки што го очекуваат нашиот тим на домашната и на регионалната сцена.
Добредојде назад во Аеродром, Адем!