Васко Атанасов повеќе не е тренер на МЗТ Скопје!
МЗТ Скопје Аеродром ја известува спортската јавност и своите верни навивачи дека клубот и досегашниот шеф на стручниот штаб, Васко Атанасов, спогодбено ја прекинаа меѓусебната соработка.
Атанасов ја презеде тренерската палка во 2023 година и испиша светли страници во клупската историја, влегувајќи во аналите на македонската кошарка како најмладиот стратег кој успеал да дојде до шампионски трофеј. Неговото име засекогаш ќе остане врежано во историјата на „штрковите“ по импресивната колекција на пехари освоени со нашиот клуб:
- 4х Шампион на Македонија (2023, 2024, 2025, 2026)
- 3х Куп на Македонија (2024, 2025, 2026)
- 3х Суперкуп на Македонија (2023, 2024, 2025)
Управата на МЗТ Скопје Аеродром му изразува огромна и искрена благодарност на Васко за неговиот беспрекорен труд, посветеност, енергија и професионализам што ги вложи предводејќи го нашиот состав. Му посакуваме многу здравје, лична среќа и уште поголеми успеси во понатамошната тренерска кариера.
Името на новиот прв тренер на клубот ќе биде соопштено во текот на наредните денови. Дотогаш, тренажниот процес и работата со екипата ќе ги водат досегашните асистенти на Атанасов – Дејан Србиновски и Тино Даневски.
Благодариме за сѐ, Васко!