Петровиќ: Сѐ што договоривме – играчите маестрално го испочитуваа!

Александар Петровиќ со победа дебитира на меѓународна сцена како предводник на МЗТ Скопје, откако нашиот тим вечерва го совлада Широки (91-78) на стартот од последниот турнир од регуларниот дел од сезоната во НЛБ АБА2 лигата, чиј домаќин е токму нашиот денешен противник.

Тренерот на „металците“ беше задоволен по средбата, пред сѐ од фактот што неговите избраниците го испочитувале тоа што било договорено пред средбата.

„Честитки за моите момци на одличната партија. Сѐ што се договоривме пред средбата, тие маестрално го испочитуваа, како во нападот така и во одбраната. Имавме контрола над скокот, одлично го контролиравме темпото на играта и заслужено победивме. Честитки и на тимот на Широки за дадениот отпор, како и на публиката за одличната атмосфера“, изјави Петровиќ.

Следен ривал на МЗТ Скопје е тимот на Борац Бања Лука, што ќе биде директна пресметка за првото место на табелата во пресрет на плејофот, кој ќе се одржи во Скопје (13-17 април).