Петровиќ: Ќе сторам сѐ да ја одбраниме титулата и да влеземе во АБА1!

Повратникот на клупата на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ, денеска официјално беше промовиран на новата функција и тоа со прес-конференција, на која беше претставен од извршниот директор на нашиот клуб, Филип Ѓоревски.
Интересот на новинарите за неговото враќање во Аеродром беше големо, во обид да се чујат неговите размислувања, особено во делот на амбициите за клубот до крајот на сезоната.
„Се враќам на добро познато место, во најдобро организираниот тим во Македонија каков што е МЗТ Скопје повеќе години наназад. Дојдов да дадам сѐ од себе за да ја одбраниме титулата и да се обидеме да го вратиме клубот таму каде што му е и местото – во АБА1-лигата. Нема да биде лесно, но ќе сторам сѐ да го извадам максимумот од тимот што ми е на располагање. Да бев од почетокот на сезоната, сигурно поинаку ќе беше селектиран составот, особено во делот на подмладувањето, со оглед што сега на располагање имам поголем број кошаркари длабоко навлезени во четвртата деценија. Ова не е барање алиби, туку факт. Јас сум подготвен врз себе да го земам сиот притисок кој е вообичаен во МЗТ и да ги ослободам играчите да играат онака како што знаат без да размислуваат на други работи. Време за големи промени немам, ќе гледам само да ја упростам играта и да ја зацврстам одбраната. И пред сѐ да внесам позитивна енергија, која и тоа како ќе ни биде потребна“, вели Петровиќ.

Новиот стратег потенцира и одредени проблеми со кои се соочил на стартот од мандатот.
„Се соочив со проблеми кои не ги очекував, а тоа е отсуството на повредени играчи. Овој тим нема тренирано комплетно цела сезона и тоа сигурно се одразува врз формата и резултатите. Но, со заедничка работа ќе го надминеме и тоа. На играчите им кажав дека не сум тука за да ги учам кошарка, тие се доволно искусни и квалитетни и сигурен сум дека со заеднички сили ќе дојдеме до тоа што сите го посакуваме“, објаснува популарниот Ацо.
Повратникот на сино-белата клупа најави и подмладување за следниот период, односно шанса за талентите кои тренираат со првиот тим, нешто што со квалитетот го заслужуваат.
„Сега ќе бидеме фокусирани на остварување добри резултати, но потоа дефинитивно ќе поработиме на подмладувањето. Пријатно сум изненаден од тројцата младинци кои ги имаме во тимот, а кои со својот талент заслужуваат шанса. На пример, Бојан Величковски има само 15 години, а веќе покажува завиден квалитет и со него сигурно ќе мора да се работи сериозно, бидејќи може многу да напредува. Истото се однесува и на Димитар Иванов и на Марко Спасовски, кои имаат по 18 години и кои се фантастично градени за да прераснаст во врвни кошаркари. Тие се иднината на МЗТ, секако со квалитетна работа и правилно насочување“, објаснува Петровиќ.

Повторното деби на 50-годишниот стратег на клупата на МЗТ е в недела и тоа против најголемиот ривал Работнички.
„Ова можеби е прв меч во мојот нов мандат, но далеку е од мое деби во вечното дерби, со оглед што низ годините имам собрано повеќе од 30 вакви натпревари. Добро ни се познати проблемите на противникот, кој минува низ работи на кои јас бев навикнат во минатите периоди во МЗТ. Ова се средби во кои играчкиот ростер не игра улога и во кои најважна е моменталната мотивација и самодоверба. Знаеме дека ќе имаат тројца нови странци, но тоа не е причина за некаков страв. Влегуваме како фаворити и верувам дека ќе ја оправдаме таа улога“, дополни искусниот стратег.
Петровиќ седеше на клупата на МЗТ Скопје во периодот помеѓу 2001 и 2007, а потоа и помеѓу 2009 и 2011 година, по што работеше во екипи како Куманово, Карпош Соколи, Пелистер и Академија ФМП. Сега потпиша договор на една ипол година, што значи дека најмалку што ќе седи на клупата на МЗТ Скопје е до крајот на сезоната 2022/23.