Лошиот старт скапо нѐ чинеше: Пораз од Партизан на враќањето на АБА во Аеродром!

Исто како и пред една недела против Црвена звезда, нашите момци и вечерва против вториот белградски евролигаш Партизан одиграа одлично во три од четвртините во кои бевме во егал-ситуација, но поради лошиот старт на крајот загубивме со 74-91 (9-25, 23-23, 20-21, 22-23).
Агресивната одбрана на противникот од првиот момент како да ги збуни нашите момци, кои промашија неколку отворени шута во низа, што резултира со брзо двоцифрено водство за противникот кое го одржаа до самиот крај. Во продолжението сино-белите заиграа далеку подобро во нападот, што резултира со три периоди во кои постигнувавме најмалку 20 поени против силниот ривал со повеќекратно поголем буџет.

На стартот од второто полувреме спуштивме и до минус десет (38-48), но тоа беше се од наша страна, бидејќи црно-белите уфрлија во повисока брзина и не ни дозволија да ги изненадиме. Страхиња Миќовиќ со 18 и Мајк Кефи со 17 поени беа најпрецизни во нашиот тим, а двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Еван Максвел со 13 и Војдан Стојановски со 11 поени.
Наш следен противник во АБА е третиот по квалитет тим во регионот изминативе години, подгоричка Будуќност, каде што ќе гостуваме веќе в сабота.