Реакција на МЗТ Скопје Аеродром на написот објавен на порталот „Спортмедиа“!

2016 28 Окт

МЗТ Скопје Аеродром во целост ги одбива нападите и инсинуациите на сметка на тренерот Александар Јончевски, изречени во денешниот напис објавен во интернет-порталот „Спортмедиа“ со наслов „Наместо спас, МЗТ со Јончевски во пропаст“ и истите ги смета за злонамерни и без реална основа, без разлика на напорите на авторката истите да ги поткрепи со аргументи.

Текстот е едностран и со единствена цел да му наштети на реномето на нашиот тренер, а не да даде објективна слика на настаните, што е и првенствена задача на секој новинар. Никако не можеме да се сложиме дека презентираните факти во текстотот, за поразите претрпени во последните секунди на неколку средби во изминативе години, вклучувајќи го и неодамнешниот против Лиеткабелис во Еврокупот, потврдуваат дека за тоа е виновен само Јончевски и дека поради тоа тој го води клубот во пропаст.

И за средбата во Паневезис и за останатите од написот, постојат и многу други аргументи, кои новинарката ги (под)заборавила, како недосудениот прекршок над Клоф против Лиеткабелис, очигледната играчка грешка на Марко Љубичиќ во последната одбрана на средбата со Мега Лекс, чекорите на Дамјан Стојановски кои само судиите ги видоа, а кои го решија победникот на мечот со Сутјеска... Останатото влегува во делот на тренерското уверување и филозофија, што и тоа како може да биде потврдено со примери од водењето на средби од страна на голем број реномирани евролигашки тренери. Тука дефинитивно е и одлуката да се брани последниот напад на споменатата средба против Кожув од финалето на Купот на Македонија во 2015 година.

Случајно или не, авторката во написот никаде не споменува дека Јончевски е тренерот кој минатата сезона на нашиот клуб му донесе двојна круна, со што влезе меѓу не така големиот број македонски стратези што можат да се пофалат со ваков успех. За неговиот квалитет говори и фактот што во повеќе наврати работеше како помошник-селектор и дека е само прашање на време кога ќе биде промовиран во предводник на националната кошаркарска гордост. Свесни сме дека нашиот тренер не е безгрешен и дека има уште многу да учи од својот занает, но тој е домашен производ со чиј развој нема да има бенефит само МЗТ Скопје Аеродром туку и македонската кошарка во целост. А, тоа дефинитивно заслужува и поддршка и од јавноста, особено што е тој само еден од малкуте македонски тренери кои на подолги стази предводеле екипа во АБА-лигата.

Поради ова, денешниот напис во „Спортмедиа“ не може да биде сфатен на никаков друг начин освен злонамерен обид за дискредитирање на член на нашиот клуб, нешто што никогаш нема да го прифатиме ниту пак ќе го дозволиме. Ја почитуваме слободата на медиумите и на правото да го искажат своето видување на работите, но секогаш ќе реагираме кога тоа ќе биде еднострано, со задни намери и за задоволување на лични суети.

МЗТ Скопје Аеродром е петкратен шампион на Македонија, долгогодишен член на престижната АБА-лига и единствен македонски клуб кој заиграл во натпреварување на УЛЕБ. Поради сето ова, сметаме дека заслужуваме да бидеме третирани на достоен начин, без разлика на резултатите кои ги остваруваме во некој одреден момент, бидејќи тоа е променлива категорија.

Денеска можеби губиме, за што причина се и големите проблеми со повредите на што никој не може да влијае па дури и главниот тренер, но би можеле да влеземе во серија победи (како што победивме неодамна против Карпош Соколи), нешто што веќе се случувало во минатото и што е сосема реално во спортот. Исто како што е можно Јончевски сезонава да дојде и до втората двојна круна во домашните натпреварувања.

Дали и во една таква ситуација ќе одиме во пропаст со него? Или, пак, тогаш ќе се натпреварувате во изрекување суперлативи за неговата работа, како да не било ништо прeтходно!

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page