Испечатете ја страната

Заморот си го стори своето: МЗТ Скопје поразен и од Газиантеп

2016 06 Сеп

Со два порази во првите контролни дуели, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се враќаат од дводневниот престој во Солун, откако попладнево загубија во пресметката со силниот турски тим Газиантеп со 75-86 (17-20,18-28,19-22,21-16).

Лошата игра во вториот период и заморот од напорниот дуел против ПАОК, кој беше одигран само 18 часа претходно, се покажаа како клучни причини за неуспехот на „металците“. По изедначените први десет минути, во кои сино-белите во неколку наврати го имаа водството, следуваше серија 20-4 на противникот со која тој отиде на плус 19 (40-21), предност која се покажа како недостижна за македонскиот шампион.

АБА-лигашот со серија 16-2 намали на минус седум во последниот период (75-82), но поради неколку избрзани грешки во серија не успеа да дојде до целосен пресврт. Мора да се напомене и дека турските кошаркари имаа извонреден шутерски ден, постигнувајќи дури 12 тројки.

Напорот поради патувањето и играњето два тешки меча во кус временски интервал го примораа тренерот Емил Рајковиќ да направи повеќе ротации и делумно да експериментира со позициите на кошаркарите. Првите минути во дресот на МЗТ Скопје Аеродром го доби и младинскиот репрезентативец Андреј Цветковски, кој успеа и да се запише во листата на стрелците (постигна еден поен).

Ѓорѓе Дреновац одново беше убедливо најдобар во сино-белиот тим, а истовремено и најефикасен на средбата со 28 постигнати поени. Веднаш зад него беше Ксавиер Темс со 14 поени од кои 10 во првото полувреме. Џеремаја Мејси и Јуре Лалиќ реализираа девет односно осум поени за МЗТ Скопје.

Аеродромци веднаш по мечот тргнаа кон Скопје, каде што утре ќе продолжат со напорните тренинзи во пресрет на новата сезона. Стручниот штаб веќе ги има првите показатели на работите кои ќе треба да се исправаат, односно на кои ќе треба да им се посвети поголеми внимание. За десетина дена следува настапот на меѓународниот турнир „Мирза Делибашиќ“ во Сараево (16 и 17 септември) на кој ќе учествуваат уште и организаторот Босна Ројал, Цедевита и Будуќност, а можно е да биде одигран уште некој контролен дуел во заминувањето во БиХ.