Испечатете ја страната

Назор по мечот со Куманово: Најважни се бодовите, сѐ друго треба брзо да заборавиме!

2017 06 Апр

Со синоќешниот триумф над Куманово, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја продолжија серијата победи во Суперлигата заокружувајќи го со пет од пет првиот круг од оваа фаза од домашното натпреварување.

Но, по дуелот со кумановци, немаше насмевка на лицето на тренерот Анте Назор, најмногу поради фактот што неговите играчи премногу лесно му дозволија на противникот во финишот да ја анулира двоцифрената предност на сино-белите, што, пак, донесе пенал-завршница во која, за среќа, неговите избраници покажаа карактер и ги обезбедија драгоцените бодови.

Најважно во целата приказна е што ги освоивме бодовите, а сѐ друго ќе треба што побрзо да се заборави. Не изгледавме добро на теренот, ни недостасуваше острина, агресивност и комбинаторика поради што средбата влезе во една непријатна фаза за нас во која ја загубивме стекнатата предност. Ова не е првпат нешто вакво да ни се случи, поради што е клучно да сфатиме дека во секој момент треба да имаме респект кон позитивата, нешто што го немавме во дуелот со Куманово. Непотребно му дозволивме на противникот да дојде на само еден поен разлика во самата завршница и среќа е што успеавме да останеме мирни и да ја приведеме средбата кон победничките води. Овој меч треба да биде своевидна опомена за сите нас дека во Суперлигата нема слаби противници и дека никого не треба да потцениме и дека во секој натпреварм мора да влеземе максимално мотивирани и ангажирани бидејќи без тоа нема да може да дојдеме до посакуваната цел“, изјави по мечот хрватскиот стратег на клупата на актуелниот шампион.

Стручниот штаб, сепак, нема време за поголема анализа на вчерашната реприза од ланското плејоф-финале, со оглед што веќе задутре го отвораме вториот дел од Суперлигата и тоа со гостување на големиот должник, Фени индустри, кој неодамна токму во Кавадарци нѐ елиминира во полуфиналето од Купот на Македонија.