Со две големи „банани“ ја потврдивме огромната победа на гости кај Карпош Соколи

2017 01 Апр

Фантастичните блокади на Шарлон Клоф и на Љубомир Младеновски во последната минута од продолжението беа само круна на добрата игра и на победата на МЗТ Скопје Аеродром на гостувањето кај најголемиот конкурент за титулата, Карпош Соколи (87-85) во вечерашното дерби од 4. коло од Суперлигата кое се одигра во „Борис Трајковски“.

Тоа беше пеколен дуел на две максимално изедначени екипи во кои имаше голем број промени на водството и неизвесност до последните секунди. Клоф на 18 секунди до крајот со фантастичен влез ни донесе водство 86-85, а веднаш потоа атрактивно го „залепи“ Кендрик Пери во обидот да брати со иста мера. Следуваше брз прекршок врз Младеновски, кој потоа ги промаши двете слободни фрлања, но се „извади“ на најдобар можен начин со уште една блокада врз Пери во сопствениот рекет, откако Американецот успеа да му побегне на Клоф. „Соколите“, пак, брзо фаулираа на нецели две секунди до крајот, по што Стојан Ѓуроски го реализира првото, а намерно го утна второто по што следеше очајнички обид на Бојан Трајковски од својата половина, кој воопшто не стигна до нашиот кош.

Победата е најзначајниот момент од овој натпревар за сино-белите, во кој имавме неколку одлични, но и не баш мал број црни моменти, кои за среќа не се покажаа како клучни за крајниот исход. Треба да се одбележи и фактот што ова е победа за која можеби најзаслужен беше „македонскиот фактор“ со оглед на учинокот на Марко Симоновски (16 поени, пет тројки), Стојан Ѓуроски (15 поени и пет скока) и Младеновски (шест поени, седум скока).

Но, „фактор икс“ во овој триумф беше Клоф, кој го одигра најдобриот меч во дресот на „металците“ и кому му фалеше само еден скок за да дојде до трипл-дабл. „Летечкиот Холанѓанец“ мечот го заврши со 16 поени, девет скока, десет асистенции, две украдени топки и три „банани“.

По овој меч, МЗТ Скопје Аеродром е осамен на врвот од суперлигашката табела со 4-0, а следуваат Карпош Соколи со 3-1, Работнички со 2-2 како и Куманово, Кожув и Фени индустри, кои имаат по 1-3.

Следната средба за избраниците на тренерот Анте Назор доаѓа веќе в среда, кога во „Јане Сандански“ ќе гостува екипата на Куманово.

Фото: Екипа.мк

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page