Испечатете ја страната

Лесна победа над Фени за ново финале во Суперкупот

2016 22 Сеп

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе играат во финалето од македонскиот Суперкуп, откако вечерва без поголеми проблеми го совладаа Фени индустри (83-50) во полуфиналната пресметка од ова натпреварување, кое денеска и утре се одржува во салата „Јане Сандански“ во организација на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Неизвесноста во овој меч траеше само во првите две-три минути, по што „металците“ со серија 15-2 дојдоа до првото двоцифрено водство (20-8), кое до крајот само го зголемуваа. Гледачите во салата имаа шанса да уживаат во мајсториите на сите играчи кои тренерот Емил Рајковиќ ги имаше на располагање, кои, пак, покажаа дел од својот квалитет, пред сѐ со агресивна одбрана и со атрактивни потези во нападот. Единствен кој не влезе во игра беше рековалесцентот Марко Симоновски, кој неодамна влезе во тренажен процес по подолгата пауза поради повреда на 'рбетот.

Џош Скот со 14 поени, шест скока и три асистенции беше централна фигура во составот на шампионот, Адем Мекиќ постигна 12 поени со три скока двоцифрен ефект имаше уште и Џеремаја Мејси со 11 поени и седум скока. Тори Томас и Шарлон Клоф реализираа по девет поени, Јуре Лалиќ осум, а Ксавиер Темс и Ѓорше Дреновац по седум.

Наш противник на патот кон трофејот ќе биде победникот од второто полуфинале помеѓу Карпош Соколи и Куманово, кој се игра подоцна вечерва. МЗТ Скопје Аеродром е бранител на пехарот, кој го освои во ланското издание од Суперкупот во Охрид.