Испечатете ја страната

Рутински го средивме Пелистер и пак сме осамени на врвот од Првата лига

2020 02 Фев

Фантастична игра во првата четвртина на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром (29-10) им обезбеди лесна и убедлива победа во вечерашната пресметка на домашен терен против Пелистер (83-59), по која нашиот тим повторно е осамен на врвот од табелата во Првата лига.

Сино-белите момчиња сега имаат учинок 11-3, односно една победа повеќе пред Гостивар, Работнички, Кожув и Еури Никел, кои имаат скор 10-4. Максималната концентрација и желба брзо да се реши прашањето околу победникот ни донесоа лесни два бода и делумна рехабилитација по неуспехот во „Јане Сандански“ против Хелиос во АБА2-лигата од пред неколку дена.

Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов постигнаа дури 14 тројки, а беа подобри речиси во сите статистички категории во однос на противникот од Битола. Дамјан Стојановски беше најефикасен со 15 поени, Андреј Маслинко имаше дабл-дабл ефект со 14 поени и 11 скока, Ѓорѓе Милошевиќ исто така реализира 14поени, додека Андреј Магдевски средбата ја заврши со 11 поени. Во составот не беа Хрватот Марин Морнар и Турчинот Рагип Берке Атар, поради правилото од четири странци кои се дозволени на мечевите во домашното првенство.

Наш следен противник е тимот на Широки, на кого ќе му гостуваме в четврток, додека следниот викенд ќе ѝ гостуваме на Академија ФМП во последниот меч во пресрет на паузата поради настапите на репрезентацијата на Македонија.