Испечатете ја страната

Сино-бел танц: Со плус 25 го збришавме Работнички среде „Градски парк“

2019 24 Ное

Ептен (пре)лесно, кошаркарите на МЗТ Скопје го совладаа најлутиот ривал Работнички (93-68), во вечервашното прво вечно дерби сезонава, одиграно во склоп на 7. коло од Првата лига.

Нашата подолга клупа ни овозможи да играме максимално агресивно во одбраната, што, пак, ни донесе двоцифрен број украдени топки (11) и многу лесни поени во транзиција. Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање имаше далеку поголем број расположени кошаркари, што максимално го користеше, а згора на тоа одигравме фантастично во дефанзивата на најдобрите двајца во составот на центарци, Двејн Бенџамин и Данило Мијатовиќ, по што крајниот епилог и не делува изненадувачки.

Нашиот тим уште во првите неколку минути покажа дека е дојден по бодовите, што се види од водството 12-4. По релативно изедначената прва четвртина, вториот период го почнавме фуриозно, со десет поени во низа, со што дојдовме до првата поопиплива разлика, која не ја испуштивме до крајот. Второто полувреме беше само формалност, која, „металците“ сериозно ја сфатија, па дојдоа и до максимални плус 30 (83-53), по што следеше разбирливо опуштање што Работнички го искористи делумно да ја намали негативата.

Џабари Хиндс одигра фантастичен меч и беше централна фигура со 22 поени и по шест скока и асистенции, а веднаш зад него беше Ерон Харис со 18 поени и шест скока. Двоцифрен ефект имаше и Андреј Маслинко со 13 поени и седум скока, додека Дамјан Стојановски средбата ја заврши со 13 поени, три скока и дури четири украдени топки, додека идентичен поентерски ефект имаше и Кристијан Николов.

Нашите кошаркари немаат премногу време за славје, бидејќи веќе в четврток ги очекува важно гостување од АБА2-лигата, против српски Динамик во Белград.