Испечатете ја страната

Викендов во Кавадарци ќе атакуваме на деветиот трофеј во Купот на Македонија

2018 16 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со денешната четвртфинална пресметка со Фени индустри (18 часот) го почнуваат настапот на завршниот турнир од Купот на Македонија, кој до недела ќе се одржува во Кавадарци.

Желба на момците во сино-бела опрема е да го вратат трофејот во „Јане Сандански“, откако лани бевме елиминирани во полуфиналниот дуел од вечерашниот противник. Тоа би бил девети триумф на нашиот клуб во куп-натпреварувањето со што би се изедначиле со Работнички на вечната листа победници.

Избраниците на тренерот Жељко Лукајиќ влегуваат како фаворити во вечерашната пресметка со кавадарчани, но и покрај тоа најавуваат максимално концентрирана игра со цел да не дојде до некое несакано изненадување. Во тимот ќе ги нема повредените Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ, додека сите останати се подготвени да дадат сѐ од себе за да дојдеме не само до триумф на вечерашниот меч туку и до победничкиот пехар на крајот од турнирот.

„Во Купот секогаш има изненадувања и нема простор и време за поправен. Мислам дека добро се подготвивме за предизвикот кој е пред нас. Прв ривал ни е Фени Индустри, сакаме да победиме, а потоа од меч во меч до самиот крај“, вели Дамјан Стојановски.

Во утрешното евентуално полуфинале, наш противник ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Блокотехна и АВ Охрид. Финалето се игра в недела.

МЗТ Скопје досега осум пати беше победник во Купот на Македонија и тоа во 1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014 и 2016 година.