Испечатете ја страната

Лукајиќ: Купот е специфично натпреварување, не смее никого да потцениме!

2018 12 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром следниот викенд ќе настапат на завршниот турнир од Купот на Македонија, каде што во четвртфиналето ќе ги одмерат силите со Фени индустри, кој им е должник за поразот во полуфиналната куп-пресметка минатата сезона.

Сино-белите во овој меч влегуваат како голем фаворит поради проблемите во кавадаречкиот табор, но и покрај тоа тренерот Жељко Лукајиќ бара максимална концентрација и почит за секој противник.

„Националниот куп секогаш е празник на кошарката, но и специфично натпреварување во кое сѐ е можно. Сите тимови досега покажаа одличен квалитет, а имаат и искусни поединци. Еден натпревар одлучува сѐ, што отвора можност за изненадување. Поради тоа фаворитите треба да бидат максимално сконцентрирани, што важи и за нас. Имаме големи амбиции бидејќи сакаме преку домашните натпреварувања да го поправиме впечатокот од АБА. Исклучително го цениме Фени индустри, како и останатите екипи како Блокотехна, Работнички, но и сите други кои ќе настапат во Кавадарци“, изјави Лукајиќ на денешната прес-конференција.

Слични се и размислувањата на капитенот, Дамјан Стојановски.

„Во Купот секогаш има можност за изненадувања и нема простор и време за поправен. Треба добро да се подготвиме. Прв ривал ќе е Фени Индустри, сакаме да победиме, а потоа од меч во меч ќе пробаме да отидеме до самиот крај“, истакна Стојановски.

Средбата против Фени индустри ќе ја одиграме в петок од 18 часот, а во евентуалното полуфинале, в сабота, ќе ги одмериме силите со подобриот од пресметката помеѓу Блокотехна и АВ Охрид (20.30 часот).