Испечатете ја страната

Пораз од Фени за елиминација од Купот на Македонија

2017 20 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да се пласираат во 13-тото финале во Купот на Македонија, откако во драматичен меч загубија во полуфиналната пресметка со домаќинот на завршниот турнир, Фени индустри (79-80).

Избраниците на тренерот Анте Назор долго ќе размислуваат за пропуштената шанса со оглед на тоа што имаа водство со 79-75 на само 26 секунди до крајот. Но, потоа следуваше брза тројка на противникот преку Матија Чешковиќ, а судиите истовремено досудија прекршок од Јуре Лалиќ, поради што кавадарчани останаа во напад. Ваквата судиска одлука како да ги збуни „металците“, кои веднаш потоа по само една секунда примија лесен кош со што Фени индустри за само четири секунди постигна пет поени и направи целосен резултатски пресврт.

МЗТ Скопје Аеродром, сепак, имаше напад за триумф, но Ѓорѓе Дреновац реши да шутира тројка од голема далечина наместо топката да му ја спушти на Џош Скот кој беше чуван од далеку понизок противник. Топката заврши во обрачот, Скот за малку не успеа да ја врати во кошот што донесе елиминација за нашиот тим.

Лалиќ средбата ја заврши со 19 поени и седум скока, Дреновац реализира 16 поени и осум скока, а Скот имаше 14 поени и осум скока.