Испечатете ја страната

Вечерва против Кожув го почнуваме нападот на деветиот пехар во Купот на Македонија!

2017 17 Фев

Против Кожув го почнуваме нападот на деветиот пехар во Купот на Македонија!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва, против Кожув (20.30 часот) ќе го почнат настапот на завршниот турнир од Купот на Македонија во Кавадарци, каде што од денеска до недела на едно место ќе се најдат осумте најдобри екипи во ова натпреварување.

Избраниците на тренерот Анте Назор максимално подготвени го очекуваат настапот во првото домашно натпреварување за нив сезонава, со желба да се претстават во најдобро светло и да го одбранат трофејот освоен лани во Гевгелија. Тоа воедно би бил девети триумф за аеродромци со што би се изедначиле со Работнички на вечната листа победници во Купот на Македонија. Сериозен хендикеп е неиграњето на повредениот Стефан Синовец, додека на вечерашниот дуел нема да настапи ниту Даниел Кларк, кој ќе ја има улогата на „прекуброен странец“.

Ова е едно специфично натпреварување, во кое некогаш не е премногу пријатно однапред да бидете означени како фаворит. Мораме да бидеме посебно внимателни, а моите играчи мораат да бидат максимално фокусирани, борбени и да имаат контрола над натпреварот уште од самиот старт. Не треба да мислиме на ништо друго освен на Кожув, кој е наш вечерашен ривал во четврт-финалето. Мораме гевгеличани да ги сфатиме како сериозен противник и да одиграме најдобро што знаеме“, вели Назор.

Со победа на вечерашниот дуел ќе се избориме за полуфинална пресметка против домашниот тим на Фени индустри, кој попладнево немаше поголеми проблеми во мечот против Охрид АВ (112-69). Претходно, нешто потешко од очекувањата, Карпош Соколи го совлада Вардар (92-84), а за противник во утрешното полуфинале ќе го имаат подобриот од дуелот помеѓу Куманово и Работнички (18 часот).