Испечатете ја страната

Куп на Македонија: Прв противник ни е Кожув, а најверојатно со Фени ќе биеме битка за финале!

2017 10 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во четврт-финалето од Лимак купот на Македонија, кој од 17-19 февруари ќе се одржи во Кавадарци, ќе ги одмерат силите со екипата на Кожув, реши денешната ждрепка одржана во просториите на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Нашиот тим прво го доби натпреварувачкиот број три, зад Работнички и Фени индустри, а пред Карпош Соколи. Потоа следуваше ждрепка на екипите од вториот по квалитет барабан, од каде што местата од пет до осум следствено ги добија Вардар, Кожув, Охрид АВ и Куманово. Тоа значи дека по евентуалниот триумф над гевгеличани, за место во големото финале силите најверојатно би ги одмериле со екипата на Фени индустри, која влегува како голем фаворит во четвртфиналната пресметка со охриѓани.

Во останатите две двојки од првата рунда се Работнички-Куманово односно Карпош Соколи-Вардар. Победниците од овие натпревар ќе се сретнат во саботното полуфинале и ќе го одредат вториот финалист на Лимак купот на Македонија.

МЗТ Скопје Аеродром ја има улогата на бранител на трофејот, а нашиот тим во Кавадарци ќе се обиде да дојде до деветиот пехар во ова натпреварување со што би се изедначиле со Работнички на вечната листа на куп-победници.