Испечатете ја страната

Младеновски одличен во чесниот пораз на гостувањето кај Гран Канарија

2016 14 Дек

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со чесен пораз на гостувањето кај шпанска Гран Канарија (75-87) го заврши овосезонскиот настап во Еврокупот, во кој на крајот запиша осум порази од кои повеќе од половина беа на несреќен начин со кош во последна секунда или по продолженија.

„Металците“ не се предадоа однапред против силниот противник и покрај фактот што средбата ја одиграа без Ксавиер Темс, Стефан Синовец и Џош Скот. Избраниците на тренерот Анте Назор одиграа дисциплинирано, погодија седум тројки, а на крајот дури имаа и повеќе скокови (31-30) од далеку повисокиот ривал од Лас Палмас. Домаќинот постојано беше во водство, но ниту еднаш не обезбеди предност поголема од 15-16 поени, која набрзо беше намалувана и на едноцифрена позитива.

Јуре Лалиќ со 15 поени беше најпрецизен, Ѓорѓе Дреновац реализира 13, но играчот на мечот во таборот на МЗТ Скопје Аеродром беше македонскиот репрезентативец Љубомир Младеновски, кој средбата ја заврши со 11 поени и шест скока и тоа сите во фазата на нападот.

Завршувањето на обврските во Еврокупот ќе донесе големо олеснување за нашите кошаркари, кои сега помалку ќе патуваат и играат, а ќе имаат повеќе време за тренирање и подготвување за обврските во АБА-лигата. Сино-белите во Скопје ќе се вратат дури утре доцна навечер, по што ќе имаат само еден ден на располагање за пресметката со Црвена звезда в сабота на домашен терен.