Испечатете ја страната

Против Гран Канарија вечерва го завршуваме настапот во Еврокупот

2016 14 Дек

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го одиграат последниот натпревар сезонава во Еврокупот и тоа на гостински терен против најдобрата екипа во нашата група, шпанска Гран Канарија (21 часот).

Тренерот Анте Назор за оваа средба нема да може да смета на Ксавиер Темс (семејна трагедија) и на Стефан Синовец (стомачен вирус), но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме и покрај фактот што против себе ќе имаме исклучително квалитетен тим кој воедно е и меѓу фаворитите за конечен триумф во ова натпреварување. Желбата на сите е да се остави добар впечаток на средбата во Лас Палмас и колку-толку да се крене формата пред дуелот со Црвена звезда в сабота во рамки на АБА-лигата.

„Свесни сме дека против себе го имаме најдобриот тим во нашата група во Еврокупот, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме. Ова е шанса да одиграме растоварено, без резултатски притисок и да оставиме добар впечаток, но истовремено и да поработиме на послабите страни во тимот. Ќе пробам да ја искористам средбата против Гран Канарија и за давање шанса на помладите во тимот, но и за подобра подготовка за предизвикот наречен Црвена звезда, кој нѐ очекува в сабота на домашен терен“, вели Назор.

Судии на натпреварот се Милија Војиновиќ (Србија), Синиша Херцег (Хрватска) и Морис Рејтер (Германија). Директен пренос на првиот канал на Македонската телевизија (МТВ).