Испечатете ја страната

Лошо второ полувреме за пораз на гостувањето кај Цедевита

2016 30 Ное

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да изненадат на вечерашното гостување кај хрватска Цедевита, пред се поради лошата игра во второто полувреме што воедно беше и главна причина за убедливиот пораз на крајот (61-95) во меч од 8. коло од Еврокупот.

Избраниците на тренерот Анте Назор одиграа повеќе од солидно во првите две четвртини, поради што постојано му дишеа во врат на противникот. Но, третата четвртина нагло падна интензитетот во играта на сино-белите што резултира со убедливи 27-9 за противникот и ставање крај на сите надежи за евентуален триумф во Загреб. Нашите момци воедно имаа дури 19 скокови помалку од противникот (24-43) што е само дополнителна причина за убедливиот пораз на крајот.

Јуре Лалиќ со 14 и Стефан Синовец со 10 поени беа единствени со двоцифрен ефект во составот на МЗТ Скопје Аеродром. Во екипата го немаше Ксавиер Темс, кој задутре се враќа од САД и ќе биде во составот за следниот меч в недела против Будуќност на домашен терен во рамки на АБА-лигата.