Испечатете ја страната

Јончевски си поднесе оставка, Крстевски и Књазев привремено на кормилото

2016 14 Ное

Александар Јончевски повеќе не е прв тренер на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска и официјално поднесе оставка на оваа функција, која веднаш беше усвоена од управата на клубот.

Ваквата реакција на доскорешниот стратег доаѓа по вчерашниот пораз на гостувањето од Крка, во меч во кој аеродромци одиграа одлично прво полувреме, но потоа драстично паднаа во продолжението. Јончевски го презеде кормилото на „аеродромци“ по заминувањето на Емил Рајковиќ и како главен стратег седеше на клупата во последните девет натпревари во АБА-лигата и во Еврокупот на кои оствари учинок 2-7. Ова доаѓа и по казната од една плата, која управата на клубот им ја изрече на кошаркарите и на стручниот штаб поради лошите резултати како и поради незалагањето и индолентноста покажана на натпреварите и на тренинзите.

Со оглед на тоа што веќе задутре нѐ очекува дуел со Лиеткабелис, а в петок против ФМП, двете на домашен терен, раководството на МЗТ Скопје Аеродром кормилото привремено им го довери на помошникот Горан Крстевски и на тренерската легенда Александар Књазев, кој ќе ја има улогата на стручен консултант. Во меѓувреме ќе се направат напори да се ангажира тренер, чија главна задача ќе биде да го извлече клубот од кризата, да го врати на победничкиот колосек и кој ќе има визија за подолгорочен проект во тимот од „Јане Сандански“.