Испечатете ја страната

Ни гостува Гран Канарија: Да се одигра најдобро пред легендарната генерација што го победи Реал!

2016 09 Ное

Да се одигра најдобро што се може и да се даде силен отпор на реномираниот противник, кој сезонава е меѓу најдобрите не само во Еврокупот туку и во силната шпанска АЦБ-лига, е желбата на сите во таборот на МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на вечерашниот дуел против Гран Канарија (19 часот), во рамки на 5. коло од второто по квалитет клупско натпреварување во Европа.

Мотивот за победа и надигрување е уште поголем кај избраниците на тренерот Александар Јончевски поради фактот што ќе играат пред најголем дел од играчите кои пред точно 20 години во старата „Лименка“ го срушија големиот Реал Мадрид. Таа победа одекна силно во кошаркарска Европа и покажа дека понекогаш и Давид може да го совлада џинот Голијат, нешто кон што се стремат кошаркарите кои вечерва ќе истрчаат во сино-белиот дрес.

Проблемите со повредите се уште се тука, Шарлон Клоф и Марко Симоновски сигурно нема да настапат, додека е нејасно колку во моментов може да помогне Ѓорѓе Дреновац, кој привршува со рехабилитацијата по подолгото отсуство од терените. Мака со скочниот зглоб има и новакот Сулејман Диабате, но тој најавува дека ќе стисне заби и дека ќе даде сѐ од себе во вечерашниот дуел со гостинот од Лас Палмас.

„Свесни сме за силата на Гран Канарија, тим кој игра одлично оваа сезона и кој е непоразен во Еврокупот. Но, тоа не значи дека ќе кренеме бело знаме пред мечот. Нашата самодоверба е на повисоко ниво по победата над Олимпија во АБА-лигата и ќе направиме сѐ за да се надигруваме со одличниот противник. Добро ги знаеме Мекејлеб и Хендрикс, знаеме што можат и ќе се обидеме да ги сопреме. Проблемите со повредите уште се тука, со сигурност ќе бидеме без двајца првотимци, но полека се навикнавме на тоа. Очекувам солиден натпревар и голема борба“, вели тренерот Александар Јончевски.

Средбата се игра во спортскиот центар „Јане Сандански“, со директен пренос на МТВ1. Судии на натпреварот се Луиџи Ламоника (Италија), Семен Овинов (Русија) и Јосип Радојковиќ (Хрватска). За МЗТ Скопје Аеродром ова е четврти меч во Еврокупот досега, а на претходните три загубивме несреќно на една топка од Лиеткабелис и Нижни Новгород на гости и Цедевита на домашен терен.