Испечатете ја страната

МЗТ Скопје Аеродром денеска на гости кај руски Нижни Новгород

2016 02 Ное

Кошаркарите на МЗТ Скопје по една непроспиена ноќ, вчера пристигнаа во рускиот град Нижни Новгород, каде што денеска, по два одработени тренинга, ќе ги одмерат силите со истоимениот домашен тим (17 часот) во меч од 4. коло од Еврокупот.

„Металците“ имаат скор 0-2 во ова натпреварување, но и на гостувањето против Лиеткабелис и дома против Цедевита беа во игра за победа сѐ до последната топка. Среќата во двата случаи беше на страната на противниците, поради што во таборот на аеродромци се надеваат дека барем еднаш ќе бидат миленици на божицата Фортуна. Но, за да се надеваат на вакви нешто, избраниците на тренерот Александар Јончевски треба да одиграат со срце, борбено и да искреираат ситуација во која би биле во игра за победа сѐ до последните моменти од натпреварот.

Реално, сето ова и нема да биде така лесно, првенствено поради отсуството на тројца првотимци (Дреновац, Симоновски и Клоф) како и поради заморот од долгите и напорни патувања. Сино-белите од Скопје заминаа во саботата, неколку дена минаа во Србија каде што играа против Мега лекс во рамки на АБА-лигата, по што директно продолжија за Русија и тоа патувајќи цела ноќ.

„Патувавме 12 часа до Нижни Новгород со истата екипа која ја одигра последната средба против Мега Лекс, што значи без тројца исклучително важни играчи и заморени од патот. Се обидовме малку да се одмориме и рехабилитираме за тешкиот натпревар, но времето беше прекусо тоа да биде на задоволувачко ниво. Нижни не е толку силен како во претходните години, но и покрај тоа е фаворит во денешниот натпревар. Ќе се обидеме да го изненадиме домаќинот со борбеност и пожртвуваност, која ја очекувам од сите момци кои ќе истрчаат на паркетот“, вели Јончевски пред денешниот дуел.

Натпреварот се игра во „Домот на спортовите“ во градот кој во минатото бил познат како Горки, кој има 1,2 милиони жители и е петти по големина во Русија и низ кого минува легендарната руска река Волга. Кошаркарите на МЗТ Скопје се соочија со температурен шок при слетувањето во Нижни Новгород, каде што ги пречека снег со температури далеку под нулата. Салата всушност е дом на популарниот хокеарски клуб Торпедо, каде што настапувале легендарни руски хокеари како Федоров и Коваленко, а паркетот е поставен врз подлогата од мраз, насекаде околу се популарните мантинели. Температурата утринскиот тренинг на македонскиот тим беше околу нулата, со надеж дека таа ќе биде значително зголемена за време на официјалниот натпревар во рамки на Еврокупот.

Судии на средбата се Спирос Контас (Грција), Марчин Ковалски (Полска) и Сашо Петек (Словенија). Директен пренос ќе има на програмите на Македонската телевизија (МТВ).