Испечатете ја страната

Ѓорѓевиќ пред 30 години играше во „Јане Сандански“! (ФОТО)

2016 01 Авг

Актуелниот селектор на српската кошаркарска селекција, Александар Ѓорѓевиќ, како нов тренер на Баерн Минхен,  противникот на МЗТ Скопје Аеродром во Еврокупот, во декември ќе гостува во новиот „Јане Сандански“, кој е изграден на место на популарната „лименка“ во која некогашниот легендарен плејмејкер првпат гостуваше пред точно – три децении.

Србинот има одиграно две официјално средби во македонската престолнина и тоа како член на Партизан во рамки на елитната дивизија на некогашна СФРЈ. Првиот пат тоа беше во 1986 година, сезона во која црно-белите дојдоа до титулата, а „металците“ како дебитанти дојдоа до осмото место на табелата и до дуел со Цибона во првото коло од плејофот. Второто гостување се случи во следниот шампионат, кој, за жал, беше последен за аеродромци во Првата лига на поранешната заедничка држава.

Покрај Ѓорѓевиќ, присутните во до крај исполнетиот „Јане Сандански“ можеа да видат и многу други играчки величини како Владе Дивац, Жарко Паспаљ, Жељко Обрадовиќ, Горан Грбовиќ... исто како што во декември ќе може да се видат многу одлични играчи во дресот на минхенски Баерн. Но, исполетите трибините пред сѐ треба да бидат поради избраниците на тренерот Емил Рајковиќ, на кои ќе им треба огромна поддршка за да дојдат до триумф во пресметката со реномираниот ривал.