Испечатете ја страната

Легендарниот Ѓорѓевиќ ќе гостува во „Јане Сандански“!

2016 01 Авг

Актуелен селектор на кошаркарската репрезентација на Србија, Александар Саша Ѓорѓевиќ, од денеска и официјално е тренер на германскиот прволигаш Баерн Минхен, кој, пак, е еден од противниците на МЗТ Скопје Аеродром во групната фаза од Еврокупот.

Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња во поранешна СФР Југославија потпиша двегодишен договор со баварскиот гигант, а доаѓа на местото на сонародникот Светислав Пешиќ. Ѓорѓевиќ минатата сезона ја почна како стратег на Панатинаикос, со кого предвреме ја прекина соработката, по што се фокусира на работата со српската селекција, со која за неколку дена ќе го почне настапот на олимпискиот турнир во Рио де Жанеиро.

Српскиот стратег првата пресметка против македонскиот шампион ќе ја има на 2 ноември на домашен терен додека кошаркарските вљубеници кај нас ќе можат да го видат во живо на средбата закажана за 7 декември во „Јане Сандански“. Се очекува неговото присуство на паркетот да биде само мотив плус трибините во салата населбата Аеродром да бидат исполнети до последното место.