Против Игокеа вечерва бркаме победа вредна опстанок во АБА-лигата!

2017 27 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе бидат во улога на домаќини на екипата на Игокеа (21 часот) во последниот меч од 23. коло од АБА-лигата, во кој ќе бркаат победа вредна опстанок во АБА-лигата.

Сегашната математика во крајно замрсената битка за избегнување на последното место на табелата вели дека ако сино-белите го совладаат босанскиот претставник тогаш шансите да не се испадне се речиси стоотстотни. Ако победиме вечерва, само во неколку не многу реални комбинации МЗТ Скопје Аеродром не би го задржал АБА-лигашкиот статус во кои спаѓа остварување на голем број неочекувани победи на конкурентите за опстанок против екипи кои ќе играат во плејофот за титула.

Тренерот Анте Назор на оваа средба нема да смета на повредените Стефан Синовец и Девон ван Острум (веќе замина на операција во Лондон), но и покрај тоа сите останати се решени да дадат максимум и уште вечерва да завршат најголем дел од работата околу останување во друштвото на најдобрите тимови на просторот од поранешна СФР Југославија.

Очекувам мобилизација кај моите кошаркари, од кои се надевам дека максимално ќе ги извршат зададените задачи, особено во дефанзивата. Мора да ја вратиме играта од пред деетина дена, кога остваривме три победи во низа во АБА-лигата. Ова за нас е најважната средба досега сезонава, поради што треба да бидеме фокусирани и подготвени да дадеме се од себе. Игокеа е незгоден тим, но ние мора да бидеме господари на паркетот на кој не смееме да дозволиме да бидеме изненадени. Нашата шанса можеби е во фактот што противникот доаѓа растоварен, без резултатски императив, но од друга страна тоа може да биде и опасно бидејќи е полесно да се игра кога се нема притисок на плеќите“, изјави Назор.

Ова ќе биде десетти дуел на овие две екипи досега во АБА-лигата, а меѓусебниот скор е 5-4 во корист на МЗТ Скопје Аеродром. Судии на натпреварот против Игокеа се Саша Пукл (Словенија), Урош Оберкнежевиќ (Србија) и Владан Шундиќ (Црна Гора). Директен пренос е предвиден на каналите на Македонската телевизија (МТВ).

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page