Испечатете ја страната

Вечерва му гостуваме на Партизан за крај на 2016 година!

2016 24 Дек

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го одиграат последниот натпревар во 2016 година и тоа на гости кај белградски Партизан (19 часот), второпласираниот тим на табелата во АБА-лигата.

Сино-белите кон српската престолнина заминаа драстично ослабени, без дури тројца стандардни првотимци (Симоновски, Темс, Кларк), но и покрај тоа немаат намера однапред да се предадат туку најавуваат борбена игра и максимална фокусираност во пресметката со силниот ривал.

Пред нас е исклучително тешко гостување против екипа која не случајно е во самиот врв од табелата во АБА-лигата во моментов. Станува збор за добро скоцкан состав, кој е спој на младост и на искуство и во кој има одличен пикен-рол играч, Американецот Хечер, кој одлично го организира нападот и ги пронаоѓа своите соиграчи во идеални позиции. Секако, не смее да се заборави присуството на Новица Величковиќ, кој е вистински лидер на плејадата млади кошаркари кои му се на располагање на тренерот Џикиќ. Но, белграѓани имаат и свои слабости кои ќе се обидеме максимално да ги детектираме и да се подготвиме за нивно искористување. Тоа воопшто нема да ни биде лесно, но имавме доволно време оваа недела да се подготвиме за натпреварот и со фокусирана и борбена игра верувам дека ќе најдеме одговор на најголем дел од проблемите кои ќе ни ги зададе Партизан. Секако ќе ни недостасуваат отсустните играчи, неиграњето на Симоновски, Кларк и на Темс е голем удар за нас, но тоа не смее да ни биде алиби, уште повеќе што и противникот се соочува со одредени здравствени проблеми“, вели тренерот Анте Назор.

Ова за нас ќе биде десетти дуел против Партизан во регионалното натпреварување, а досегашниот скор ни е 3-6, со тоа што една од победите е извојувана токму во салата „Пионир“ во Белград каде што вечерва ќе гостуваме и тоа пред нешто помалку од три години. Судии на вечерашниот дуел се Милија Војиновиќ, Драган Нешковиќ (двајцата од Србија) и Милош Кољеншиќ (Црна Гора), а директниот пренос ќе биде на каналите на Македонската телевизија (МТВ).