Испечатете ја страната

Нов проблем за Назор: Без Даниел Кларк во следните три недели!

2016 20 Дек

Новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор и понатаму не може да крене глава од проблеми, откако денешниот лекарски извештај ги потврди црните прогнози околу повредата на Британецот Даниел Кларк, кој ќе биде надвор од терените најмалку во следните три недели.

Крилниот центар доби удар во листот на левата нога во финишот од неодамнешниот натпревар против Гран Канарија, поради што не настапи на саботниот меч на домашен терен против Црвена звезда. По направената рентгенска снимла, тој има „руптура на мадијалната глава на гастрокнемичниот мускул во неговиот дистален аспект на левата страна“. Неговото враќање во тимот од „Јане Сандански“ се очекува дури на средбата против Задар, која ќе ја одиграме на домашен терен кон средината на следниот месец, што значи дека сигурно ќе ги пропушти дуелите со Партизан, Цедевита и Цибона.

Ова ќе биде нов голем удар за хрватскиот стратег, кој досега немаше шанса да предводи комплетен тим по доаѓањето во таборот на МЗТ Скопје Аеродром. Изминатиов период надвор од тренажен процес беа Стефан Синовец и Стојан Ѓуроски додека на располагање не беше и Американецот Ксавиер Темс, кој поради семејна трагедија мораше да се врати во САД на извесен период. Неговото враќање меѓу сино-белите се очекува кон крајот на годинава.