Испечатете ја страната

И без тројца првотимци ќе пробаме да ја изненадиме незгодната Мега!

2016 30 Окт

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва, на гостувањето против Мега Лекс (19 часот), ќе пробаат првпат да врзат две победи по ред во АБА-лигата сезонава, откако во претходното коло на домашен терен беше совладан локалниот ривал Карпош Соколи за „сефте“ во регионалното натпреварување.

Тоа воопшто нема да биде лесна задача, првенствено поради квалитетот на ривалот, кој и покрај фактот што исто како нас има скор 1-5, сепак, има состав за респект туку и поради отсуството на тројца првотимци поради повреда – Ѓорѓе Дреновац, Марко Симоновски и Шарлон Клоф. Но, и покрај овој хендикеп, избраниците на тренерот Александар Јончевски на неодамнешниот меч против Цедевита и покрај поразот прикажаа повеќе од солидна партија, која дава надеж дека би можело да се направи изненадување на средбата во Сремска Митровица.

„Одигравме добар меч пред неколку дена во Еврокупот, кој несреќно го загубивме, но кој потврди дека полека влегуваме во посакуваниот ритам. И понатаму огромен проблем ни се отсуствата на тројца важни играчи поради повреда и фактот што речиси да немаме никаков избор на плејмејкерската позиција. Мега Лекс е млад тим полн со енергија, чија главна карактеристика е агресивната одбрана низ целиот терен, што за нас дефинитивно ќе биде проблем плус со оглед на составот со кој ќе играме. Но, ќе дадеме сѐ од себе да дојдеме до првата гостинска победа и да покажеме дека го гледаме патот кон излезот од кризата“, вели тренерот Јончевски.

И вечерва, како пред неколку дена во „Јане Сандански“ на средбата против Цедевита, солидна минутажа ќе добие младинскиот репрезентативец Андреј Цветковски, кој сосема солидно ја одигра својата ролја во пресметката со ривалот од Загреб.

„Знаеме дека Мега Лекс е млада екипа желна за докажување, која се бори за секоја топка од почетокот до крајот на мечот. Ќе дадеме сѐ од себе иако ќе настапиме без тројца многу важни играчи. Тактички сме подготвени максимално и сигурен сум дека ќе го дадеме и последниот атом енергија за да дојдеме до првата гостинска победа во АБА-лигата, која и тоа како ќе ни значи за продолжението од сезоната“, вели Цветковски.

Дуелот со српскиот тим е само продолжување на пеколниот ритам со кој се соочуваат аеродромци сезонава, со оглед на тоа што екипата веќе утре и тоа во доцните вечерни часови преку Москва ќе продолжи кон Нижни Новгород, каде што ќе стигне во вторник рано наутро. Причина за ваквото продолжено патешествие е дуелот со истоимениот тим закажан за в среда (17 часот) во рамки на 4. коло од Еврокупот.