Испечатете ја страната

Темс ги храбри соиграчите: Во Калифорнија ваквите земјотреси едвај ги забележуваме!

2016 13 Сеп

Двоцифрениот број земјотреси кои го зафатија Скопје во изминативе 48 часа предизвикаа страв не само кај жителите на главниот град туку и кај странците кои се наоѓаат во македонската престолнина, а меѓу кои дефинитивно не беше Американецот во таборот на МЗТ Скопје Аеродром, Ксавиер Темс.

Причина за тоа не е преголемата храброст на 23-годишното момче, туку релативната навикнатост на тресењето на земјата со оглед што тој е роден во Сакраменто, главниот град на Калифорнија. Станува збор за американска држава во која годишно се бележат околу 10.000 земјотреси, од кои најмалку дваесетина се приближно исти или посилни од најсилниот кој завчера се случи во Скопје (5,3 според Рихтеровата скала).

„Бев заспан кога се случи најсилниот земјотрес деновиве и нормално тресењето на земјата ме пробуди. Но, навикнат сум на такви ситуација поради што не ме фати некоја паника. Кога се смири работата продолжив со попладневната дремка, па дури потоа, кога станав, му се јавив на татко ми во САД за да му кажам што ми се случило во Скопје. Сепак, наполно го разбирам стравот кај скопјани и кај моите соиграчи, на кои потоа се обидував да им објаснам како е да се живее кога многу често си сведок на вакви, па и полоши ситуации“, вели Темс.

За бекот, МЗТ Скопје е само втора европска десетинација, по шпанска Севиља каде што пред две години мина неколку месеци. Претходно, настапувал за универзитетите Вашингтон односно Сан Диего, по што во 2014 година беше избран на НБА-драфтот и тоа како 59. пик од страна на Торонто репторс, за кого заигра само во Летната лига.

„Во Севиља минав кус период, но не бев премногу задоволен. Луѓето не се однесуваа премногу пријателски, ретко кој зборуваше англиски јазик, а и храната не ми се допадна многу. За разлика од таму, во Скопје речиси сѐ е поразлично и подобро. Луѓето се прекрасни, секогаш подготвени за помош, а огромен број од нив зборуваат англиски јазик поради што многу ми е полесно да се прилагодам. Храната е прекрасна, а ќе ми треба многу време и простор за да опишам што сѐ изедов и од што сѐ се одушевив во кусиов период во Македонија. Презадоволен сум од изборот што го направив со потпишувањето договор со македонскиот шампион“, дополнува младиот американски кошаркар.

Темс е еден од ретките странци со кои МЗТ Скопје Аеродром потпишал двегодишен договор, што доволно ја покажува вербата во неговиот квалитет. Тој имаше повеќе од солидно деби на двете пријателски средби во Солун, против ПАОК и Газиантеп, а од ден на ден сѐ подобро работи на тренинзите.

„Добро се навикнав на условите во клубот, а кои се феноменални, задоволен сум од досегашната работа и мислам дека пред нас е добра сезона. Имам одлични соиграчи, меѓу кои има и млади таленти, но и искусни волци зад кои се многу важни натпревари. Нѐ чекаат многу силни средби, но сигурен сум дека добро ќе одговориме на предизвикот и ќе ги оствариме зацртаните цели, а тоа е одбрана на домашните круни и што е можно подобар настап во Еврокупот и во АБА-лигата“, завршува Темс.

Избраниците на тренерот Емил Рајковиќ утревечер ќе заминат за Сараево, каде што на 16 и 17 септември ќе настапат на меморијалниот турнир „Мирза Делибашиќ“, на кој уште ќе учествуваат организаторот Босна Ројал, Будуќност и Цедевита. Потоа следува домашниот Суперкуп (22 и 23), кој најверојатно ќе биде последна увертира пред стартот во АБА-лигата, закажан за 30 септември против Црвена звезда во Белград.