Испечатете ја страната

Бибрович: Целта ми е да ги предизвикам играчите и да им го разбудам победничкиот дух!

2016 18 Авг

Поранешен полски репрезентативец во џудо, магистар по физикална терапија, доскорешен член на тренерскиот тим на Сласк Вроцлав и фанатик во делот на кондициска подготовка. Прв доаѓа на тренинг, последен си заминува, а до зацртаната цел доаѓа со вежби полни со динамика и натпреварување, со цел да го извади максимумот од кошаркарите.

Ова се само дел од карактеристиките поврзани со Полјакот Бартек Бибрович, специјалистот кој сезонава е дел од стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром и чија задача е да му помогне на тренерот Емил Рајковиќ во делот на кондицискиот напредок на тимот. Овој двоец одлично се познава по заедничката соработка во таборот на полскиот прволигаш Сласк Вроцлав.

„Првиот впечаток од новата средина е неверојатен, тотално спротивен од тоа што ми го кажуваа во Полска. Салата е фантастична, играчите имаат одлични услови за развој и за напредување и навистина сум среќен што ќе бидам дел од оваа приказна. Одушевен сум од Скопје, од тоа што досега го видов, а ја обожувам храната. Страв ми е дека ќе се вратам со неколку килограми повеќе, но едноставно не можам да ѝ оддолеам на скарата “, е првиот коментар на Бибрович.

Полјакот може со часови да разговара за својата работа и за важноста на кондициските тренери во модерната кошарка и многу е тешко во неколку реченици да се објасни сето тоа што тој го знае и го практикува на паркетот.

„Се обидувам да наметнам поинаква филозофија во кондициските тренинзи, да ги натерам играчите на реакција, да им го кренам натпреварувачкиот дух, нешто што е многу важно во кошарката. Спортот постојано се менува, тактиката и начинот на работа се менува, поради што и тие треба да научат брзо да се адаптираат на новите услови. Се трудам да ги предизвикам, да им го разбудам победничкиот дух и засега мислам дека успевам во тоа со кошаркарите на МЗТ Скопје. На тренинзите видов и многу млади играчи, кои имаат добра основа и кои се на добар пат да израснат во квалитетни играчи. Се надевам дека уживаат во вежбите кои ги добиваат од мене и од останатите тренери, но и во работата со поискусните во тимот, од кои можат и требаат да научат многу во следниот период“, вели полскиот стручњак.

Според Бибрович, улогата на кондициските тренери треба од ден на ден да биде поголема и поизразена во кошаркарските тимови, пред сѐ поради брзината со која се развива овој спорт.

„Кошарката од ден на ден е сѐпобрза и поатлатетска, a ние сме само сервис на играчите и колку тие побрзо го сфатат тоа, повеќе ќе напредуваат. Кондицискиот дел од тренинзите денеска не е ист како пред десет години, а сигурен сум дека ќе биде далеку поразличен по една деценија. Како се менува спортот, така се менува и принципот на тренирање и токму во тој дел влегувам јас. Мојата работа е само мал дел од целосната слика, а тоа е успешен настап на МЗТ Скопје во Еврокупот, АБА-лигата и во домашните натпреварувања. Тешко е процентуално да се определи важноста на мојата работа, бидејќи таа во почетокот е далеку поизразена отколку во текот на сезоната. Поважно е да се направи систем заедно со главниот стратег, нешто што јас го имам поставено со тренерот Рајковиќ уште од времето кога работевме во Сласк Вроцлав, за да се дојде до максималниот резултат. Во зависност од неговата тактика, јас ги поставувам моите вежби, односно гледам кои елементи треба повеќе да дојдат до израз во зависност од неговите замисли. Без ваква синергија, тешко се доаѓа до посакуваната цел“, објаснува кондицискиот тренер во таборот на „металците“

Рекуперацијата по тренинзите и натпреварите е нешто на што Бибрович многу разговара со спортистите со кои работи, во обид да им наметне навики кои се добри и за нивните перформанси, но и за нивното здравје.

„Делот по периодот минат во сала некако е запоставен, а е исклучително важен за играчите. Тие трошат енергија и нормално е дека чувствуваат глад, но не смеат да го слушаат стомакот туку главата. Затоа е важно да користат на пример рекуперативни шејкови, по кои потоа потешко се одлучуваат за нездрава храна (пици, чипсови, помфрит – н.з.), исто како што е важно да го минат процесот за опуштање по напорната работа, како што се истегнувањето, влегувањето во када со мраз и масажите. Тоа се работи кои дефинитивни им ја продолжуваат кариерата на спортистите и на кои тие максимално треба да внимаваат“, завршува Бибрович.

Полскиот стручњак ќе работи со првиот тим на МЗТ Скопје во првите две недели од подготовките за новата сезона, а потоа уште во неколку наврати пак ќе доаѓа во Македонија, секако во договор со првиот тренер, Емил Рајковиќ.