Испечатете ја страната

Исцрпувачка победа над Ловќен за плејоф-полуфинале против Сплит!

2020 11 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром по тешка и исцрпувачка битка дојдоа до триумф во вечерашната пресметка во празниот „Јане Сандански“ против Ловќен (75-74), последна од регуларниот дел од првенството во АБА2, со што првата фаза од регионалниот шампионат ја завршија со пласман на третото место.

Тоа значи дека македонскиот шампион во полуфиналето од плејофот ќе ги одмери силите со Сплит, кој, пак, не дозволи изненадување во директната пресметка со Широки (78-76), чија евентуална победа ќе ги искачеше сино-белите и на втората позиција. И нашиот и тимот од „Грипе“ сезоната ја завршуваме со учинок 13-9, но противникот има подобра кош разлика во меѓусебните дуели. Според начелниот распоред, првиот меч се игра веќе в среда во Сплит, реваншот е на 22 март (недела) во Скопје, а евентуалната „мајсторка“ ќе се одигра на 26 март повторно на теренот на хрватскиот претставник.

Аеродромци до триумфот дојдоа до голема борба во текот на сите 40 минути, во кои противникот, релаксиран од било каков резултатски императив, даде и повеќе од максимумот. Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов почнаа одлично, поведоа со 18-7 и ја имаа иницијативата до средината на втората четвртина, пред сѐ поради петте постигнати тројки со одличен процент. Но, тогаш застана шутот, противникот заигра подобро и со серија 14-5 го презеде водството (38-35) и го одржуваше сѐ до самиот крај.

Големата желба се покажа како пресудна за триумфот на „металците“, кои со фанатична борбеност во последната четвртина прво ја анулираа негативата, а потоа во возбудлив финиш дојдоа до посакуваниот триумф.

Дамјан Стојановски со 17 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје Аеродром, Андреј Магдевски и Ѓорѓе Милошевиќ реализираа по 15 поени, додека двоцифрен поентерски ефект имаше и Андреј Маслинко со 10 поени.