Испечатете ја страната

МЗТ Скопје Аеродром ги почна подготовките за новата сезона

2019 15 Авг

Со македонските кошаркари кои се под договор и со неколку бисери од нашата младинска школа, стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром попладнево ја имаше првата прозивка, а потоа и првиот тренинг со што и официјално беше означен стартот на подготовките за новата сезона.

Недостасуваше само кениското засилување, Нуни Омот, чие пристигнување во Скопје се очекува на почетокот од следната недела. На паркетот во салата „Јане Сандански“ се појавија Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Иван Волкановски, Ранко Мамузиќ како и Леонид Тодоровски, Бојан Стојановски и Љубиша Димитровски од нашиот втор состав.

Екипата ќе се подготвува во Скопје, каде што се планира одигрување на неколку пријателски средби меѓу кои и тие против романска Крајова, чиј тренер е поранешниот стратег на нашиот тим, Александар Тодоров. На почетокот од септември е планиран настап на турнир во Романија против домашната Орадеа и унгарски Шолнок.

Во следниот период следува докомплетирање на екипата која во новата сезона ќе ја брани титулата односно ќе проба да го донесе осмиот шампионски трофеј во клупските витрини, каде што исто така ќе се обиде да го врати пехарот од Купот на Македонија, но и да се бори за самиот врв во регионалната АБА2-лига.