Испечатете ја страната

Бојиќ и Вудард го предводеа лесното искачување на Ловќен!

2019 09 Јан

Ептен лесно, со доминација во текот на сите 40 минути, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром триумфираа на вечерашното гостување кај Ловќен (85-67), во меч од 15. коло од АБА2-лигата.

Триумфот е уште позначаен со оглед што е над директен конкурент за едно од првите две места на табелата, кои носат привилегија на домашен терен во полуфиналето од плејофот, но и дека е остварен без моторот на екипата, Лестер Медфорд, како и без репрезентативниот центар Љубомир Младеновски.

Блескавата серија 22-6 во третиот период на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов им донесе највисоки дотогаш плус 17 (60-43), кои потоа умешно беа зачувани и капитализирани во десетти триумф сезонава во регионалното натпреварување. Најзаслужен за овој дел е Џејмс Вудард, кој четвртите десет минути ги почна фантастично, со три тројки во низа со кои го оддржуваше растојанието во однос на домаќинот.

Тимската игра беше клучниот фактор за триумфот на МЗТ Скопје, со оглед што сите кошаркари кои добија шанса имаа свој придонес во крајниот епилог. Андрија Бојиќ повторно беше најефикасен кај сино-белите со 24 поени и девет скока, а веднаш зад него беа Вудард со 18 односно Дамјан Стојановски со 10 поени. Во дресот на „металците“ дебитираше последното засилување, Предраг Самарџиски, кој за девет минути постигна четири поени, а јадранско деби имаше талентираниот Лука Стојановски.

Следниот предизвик за составот од Аеродром е босанскиот претставник Зрињски, кој за точно една недела ќе гостува во „Јане Сандански“.