Радуловиќ: И со скусена ротација на победа против засилениот противник!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, вечерва, во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“, ќе го одиграат дерби натпреварот од 14. коло од Првата лига против Еуро Никел (19.30 часот) во кој и со скусена ротација ќе се обиде да дојде до триумф во репризата од ланското плејоф-финале.
Сино-белите ќе настапат без болниот Дарио Митевски, тимот веќе го напушти Дастин Вер, а неговата замена Морис Кари сѐ уште не е пристигната во Македонија. Но и покрај тоа, тренерот Дарко Радуловиќ најавува жестока борба и продолжување на победничката низа во 2022 година, почната минатиот викенд со триумфот на гостувањето кај Кожув.
„Против себе вечерва ќе го имаме тимот со можеби најквалитетен ростер во моментов, кој располага со сите оружја и кој згора на тоа дополнително се засили со Кирил Николовски, за екстра-искуство, ширина во играта и сигурност под кошевите. Од друга страна, ние сме драстично ослабени, со оглед што ќе играме само со еден плејмејкер, со оглед што Митевски има здравствени проблеми, Вер е веќе минато, а неговата замена сѐ уште не е пристигната во Скопје. Згора на тоа, имаме и неколку поситни повреди, поради што дури денеска ќе знаеме на што сме и на кого ќе може да сметаме. Но и покрај ова, очекувам максимална пожртвуваност и посветеност и ќе се обидеме и со скусена ротација да го победиме силниот противник. Клучно ќе биде да држиме висок ритам во нападот и да бидеме цврсти во одбрана, со цел кавадарчани да ги сведеме на што е можно помал број поени“, изјави Радуловиќ.
Влезот во салата ќе биде бесплатен, до 50-отсто од капацитетот, со задолжително поседување сертификат за целосна вакцинација или за прележан Ковид-19 во последните 45 дена. Мечот ќе биде директно пренесуван на МТВ-3.