Со две победи во исто толку пресметки, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром родени 2004 и 2005 година се враќаат од гостувањето во Шпанија каде што ги одмерија со своите врсници од Хувентуд.
По убедливиот триумф во првата средба против вториот тим во оваа возрасна категорија на овој шпански прволигаш (63-49), сино-белите синоќа беа подобри и од најдобриот состав на Хувентуд во категоријата помлади кадети и тоа со резултат 49-44.
Избраниците на тренерот Дарко Димитријевиќ се прикажаа во вистинско светло и во двете пресметки, со што потврдија дека зад нив е период на одлични тренинзи и работа, но и најавија дека од нив допрва треба да се очекуваа уште поголеми остварувања.
Талентите на МЗТ Скопје Аеродром слободното време, пак, го искористија за прошетка и за запознавање со убавините на Барселона каде што минаа неколку прекрасни денови. Веќе следниот месец ги очекува уште едно интернационално искуство, овој пат во Холандија.
На средбите против Хувентуд во дресот на МЗТ Скопје Аеродром настапија Тео Војновиќ, Лука Серафимовски, Стефан Маџовиќ, Филип Босилков, Филип Гавриловски, Бојан Стојановски, Јани Буха, Методија Михајловски и Виктор Стојнев.