Испечатете ја страната

Ќе нема црвени столчиња во „Јане Сандански“ кога ќе игра МЗТ Скопје! (ФОТО)

2018 22 Јан

Почнувајќи од вечерашниот дуел со Црвена звезда (18 часот) во склоп на 17. коло од АБА-лигата, црвени столчиња во салата „Јане Сандански“ кога своите натпревари ги игра тимот на МЗТ Скопје – ЌЕ НЕМА.

Веќе засилено се поставуваат прекривки врз седиштата, кои во минатото беа камен на сопнување во односите со навивачката група Фемили. До дуелот со актуелниот првак во регионалното натпреварување, половина од црвените столчиња ќе бидат покриени, додека остатокот од оваа задача ќе биде завршен до една од следните домашни средби на нашиот тим.

Со ова е исполнето и последното барање на нашите најверни фанови од страна на новата управа на клубот, за нивно враќање онаму каде што им е местото - на трибините во спортскиот комплекс во Аеродром.

Соработката со Фемили е исклучително важна за раководството на МЗТ Скопје, со цел кошаркарите да ја добијат сета неопходна помош во обидот да се оствари што е можно подобар резултат во АБА и да се освојат двата домашни трофеи.