По речиси дваесетдневни напорни тренинзи, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром денеска ќе го одиграат првиот контролен натпревар во рамки на подготовките за новата сезона и тоа против амбициозниот турски прволигаш, Бујукчекмече (17.30 часот) во истоименото предградие на Истанбул на брегот на Мраморното море.
Тоа ќе биде полуфинална пресметка на меѓународниот турнир на кој уште ќе настапат и Истанбул ББ и Цибона, кои два часа претходно ќе ги одмерат силите во вториот полуфинален дуел. Утре, во истите термини, ќе се одиграат средбите за третото место и големото финале.
Составот предводен од новиот тренер Александар Тодоров синоќа го имаше запознавањето со салата во Бујукчекмече, а утринава го одработе и шутерскиот тренинг со цел максимално да се запознае со условите каде што подоцна ќе проба да го изненади домаќинот и да се пласира во битката за победничкиот пехар. Кошаркарите едвај го чекаат стартот на циклусот пријателски средби, а под знак прашалник е настапот само на Адем Мекиќ, кој воедно во отсуство на повредениот Марко Симоновски е единствениот кој беше дел од ланскиот шампионски тим на „металците“.
Тројцата Американци, Ерик Гарсија, Брет Бејли и Даниел Џенсен полека се вклопуваат во системот на Тодоров, Дамјан Стојановски и Бојан Трајковски како најискусни ја преземаат лидерската палка додека во чекор со нив е репрезентативецот Бобан Стајиќ како и младите Андреј Маслинко, Ранко Мамузиќ, Михајло Митев и Леонид Тодоровски. Тука е и Игор Пенов како испомош поради празнината поради повредени кошаркари.
Вчера беше свеченото отворање на турнирот, кое го направи градоначалникот на Бујукчекмече, кој воедно е и претседател на истоимениот клуб.