Поранешниот репрезентативец и кошаркар на „металците“, Огнен Стојановски, од денеска и официјално е назначен за директор на младинската школа на МЗТ Скопје Аеродром.
Станува збор за новитет во правец на уште подобро работење на овој сегмент од нашиот клуб, а со цел да се остварат уште подобри резултати во помладите категории како и промоција на таленти кои во иднина би можеле да го облечат дресот на најсилниот состав на шесткратниот шампион.
Стојановски, кој е добро познато име во македонската кошарка и дел од богатото спортско семејство во кое се уште и неговите браќа Војдан и Дамјан, минатата сезона исто така беше дел од младинскиот погон на МЗТ Скопје Аеродром и тоа како тренер на селекцијата за играчи до 16 години. Зад него е богато играчко искуство со оглед што е е десеткратен шампион (пет пати со Работнички, трипати со МЗТ Скопје и двапати со Фени индустри) како и осумкратен освојувач на Македонија (четири пати со Работнички, трипати со МЗТ Скопје и еднаш со Фени И.).