Испечатете ја страната

Јуниорите на МЗТ Скопје Аеродром го освоија бронзениот медал на Ф4-турнирот во „Кале“!

2017 07 Јун

Фантастичната игра во последната четвртина во вчерашното „мало финале“ против Шкупи (83-74) на јуниорите на МЗТ Скопје Аеродром им го донесе бронзениот медал на завршниот фајналфор-турнир, кој изминативе два дена се одржа во малата сала во СРЦ „Кале“.

Избраниците на тренерот Драган Миленковиќ во последните десет минути направија дури 19 поени разлика (29-10) со што ја анулираа двоцифрената негатива која ја имаа на крајот од третата четвртина (54-64). Дамјан Миса беше најдобриот поединец во сино-белиот состав, откако како резервист за нешто повеќе од 25 минути уфрли дури 24 поени со 11 скока. Мартин Трсунов средбата ја заврши со 16 поени и девет скока, Бојан Лазаревски постигна 15 поени додека Иван Ристовски реализира 14 поени со по четири скока и асистенции.

Во завчерашното полуфинале, пак, МЗТ Скопје Аеродром загуби од тимот на Работнички, кој дојде до шампионската титула во М-18 првенството со убедлива победа над Вардар (78-60) во големото финале.