Испечатете ја страната

Стефанов и Војновиќ го внесоа МЗТ Скопје во финалето од Ф4-турнирот во М-12 лигата!

2017 27 Мај

Како во некои дамнешни времиња, играчите со презимињата Стефанов и Војновиќ беа најзаслужни за победата на МЗТ Скопје Аеродром, но овој пат тоа не беа поранешните репрезентативци Врбица и Ѓорѓе туку нивните синови, Рубин односно Тео, кои ги предводеа сино-белите до убедлив триумф над Партизан Водно санс (67-52).

Тоа беше полуфинална пресметка од фајналфор-турнирот за играчи до 12 години, кој викендов се одржува во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“. Во утрешното големо финале и битка за златниот медал, избраниците на тренерот Митко Маринковски ќе се сретнат со екипата на Дино баскет од Кочани, која во првото полуфинале беше подобра од МВП Струмица.

МЗТ Скопје Аеродром беше далеку подоминантен отколку што покажува крајниот резултат, со оглед што на крајот од третата четвртина водевме и со дури 31 поен разлика (63-32). Потоа тренерот Маринковики во игра ги внесе играчите од клупата, што противникот го искористи убедливо да ја добие последната четвртина и колку-толку да ја намали огромната негатива.

Главна ѕвезда на денешниот меч беше Стефанов, кој одигра вистинска симултанка завршувајќи ја средбата со дури 40 поени (осум тројки) заедно со седум скока. Веднаш зад него беше Војновиќ со 20 постигнати поени. Лука Дејановски постигна два поени со девет скока, Лука Серафимовски два поени со шест скока, Ристе Буклишев два поени со пет скока додека Павел Иванов реализира еден поен, но оствари и седум скока.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

НЕДЕЛА (28 мај)

ЗА 3. МЕСТО

Партизан Водно санс – МВП Струмица (12 часот)

ФИНАЛЕ

МЗТ Скопје Аеродром – Дино баскет (14 часот)