Испечатете ја страната

Лучиќ и Цветковски повеќе не се играчи на МЗТ Скопје Аеродром

2016 16 Ное

Српскиот интернационалец Урош Лучиќ и македонскиот младински репрезентативец Андреј Цветковски повеќе не се членови на МЗТ Скопје Аеродром, откако спогодбено ја прекинаа соработката со нашиот клуб. Двајцата изминатото лето дојдоа односно се вратија во сино-белиот тим, но откако не се изборија за посакуваната минутажа побараа да си заминат и среќата да ја пробаат во друга средина.

Лучиќ, кој во АБА-лигата настапи на осум средби со просек од 7,8 поени и 2,5 скока, а во Еврокупот на три меча просечно реализираше по 10,3 поени, кариерата најверојатно ќе ја продолжи во Романија каде што настапуваше во минатата сезона. Цветковски, пак, кој во АБА-лигата шанса доби на еден меч, а во Еврокупот на две средби со вкупно потигнати седум поени, во продолжение од сезоната ќе настапува за гевгелиски Кожув, каде што со оглед на конкуренцијата сигурно ќе има поголема минутажа, а со тоа и шанса за напредок.

Управата на МЗТ Скопје Аеродром на двајцата играчи им се заблагодарува на тоа што досега вложиле во клубот и им посакува сѐ најдобро во понатамошната кариера.