Испечатете ја страната

Легендарниот Јанко Луковски ќе биде стручен советник на тренерот Кочов!

2018 21 Авг

Стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром за време на подготовките за новата сезона ќе биде исклучително засилен, откако улогата на стручен советник на тренерот Ѓорѓи Кочов му е доделена на легендарниот македонски стратег, а претходно и фантастичен кошаркар – Јанко Луковски.

Станува збор за поранешен играч на нашиот клуб, кој настапуваше во сино-белиот дрес во периодот помеѓу 1976 и 1978 година, а седеше и на клупата на тимот од Аеродром и тоа во сезоната 1997/98. Зад себе има 20-годишен тренерски стаж во поголем број македонски, српски и црногорски тимови, а во последниве две децении е ориентиран на работа со млади таленти и под негова палка функционира една од најдобрите кошаркарски школи во Србија.

Луковски беше присутен на првиот тренинг на МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона, а ќе му помага на Кочов и за време на базичните подготовки во Маврово. Но, негова главна задача во нашиот клуб нема да биде асистенцијата во првата екипа, иако и тој сегмент нема да биде запоставен, туку едукацијата на тренерите кои работат во нашата младинска школа. Неговото огромно искуство и големо кошаркарско знаење и тоа како ќе им бидат од помош на младите стратези кои работат со генерациите од 12 до 20 години под капата на МЗТ Скопје Аеродром. Луковски ќе држи мини-семинари само за нашите тренери, а ќе постојано ќе им биде на располагање за сѐ што им е потребно во работата со кошаркарите кои се иднината на нашиот клуб.

Ангажманот на легедарниот Луковски е само продолжување на замислата за зголемување на квалитетот со работа со младите категории, што, пак, на подолги патеки треба да донесе голем бенефит за нашиот клуб, а првиот тим наместо да ангажира играчи од други клубови местата во ростерот да ги пополнува од сопствениот расадник за таленти.