„Работнички го покажа своето кукавичко лице, да имаше достоинство ќе играше во 'Борис Трајковски'!“

2018 19 Мај

Одлуката на управата на Работнички да забрани присуство на навивачи на МЗТ Скопје Аеродром на финалните средби кои ќе се играат во „Градски парк“ предизвика вистинска бура во спортските кругови и на социјалните мрежи, каде што најчесто беше осуден ваквиот потег на центарци.

Неспортскиот и неџентлменски потег на луѓето кои го предводат црвено-белиот тим донесе лавина негативни коментари, не само кај обичните вљубеници во кошарката туку и кај сегашни и поранешни спортски работници. Меѓу нив има и поранешни играчи токму на Работнички, кои со остри зборови ја нападнаа управата на овој тим, но и нивниот тренер Марин Докузовски, што е дополнителен доказ за несфатливите чекори кои ги повлече нашиот ривал со што го уништи финалето иако уште не е ниту почнато.

Еден од најжестоките критичари е некогашниот член на тимот од „Градски парк“, долгогодишен уредник на спортската редакција на Македонското радио и делегат на МКФ, Огњан Герасимовски.

„Најголемиот манипулатор и тренерска заблуда во Македонија продолжува со сплеткарењето и кукавичкото однесување само да ја оствари целта, да ги оправда дебелите примања и да продолжи да ја опструира македонската кошарка. Па зарем има нешто поочекувано отколку дуелот помеѓу МЗТ Скопје и Работнички. Тоа е десертот на кошарката кај нас, која доживува понор, а овој дуел треба да ја врати довербата кај љубителите на овој спорт кај нас. За жал, луѓето од Работнички прават сѐ само да нема кошарка. Салата во Градски парк одамна не е пристојно место за играње кошарка. Дури може да биде опасна. Доколку Работнички држи до достоинството што некогаш го имаше ќе играше во салата 'Борис Трајковски', овозможувајќи им на кошаркарските вљубеници да уживаат во убавините на иргата. Вака, само го покажаа своето кукавичко лице“, пишува меѓу другото Герасимовски во својот коментар на социјалните мрежи.

Искрено жалење за одлуката на Работнилки искажа и спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски, кој изрази надеж дека челниците на центарци ќе соберат сили и ќе ја сменат оваа своја одлука пред да почне финалната серија.

„Длабоко жалам за одлуката на Работнички да не прими гостински навивачи. Се надевам дека во следните два дена, двете навивачки групи и двата клуба ќе успеат да се договорат и ќе најдат решение како да го избегнеме овој проблем со цел да имаме полни трибини во двете сали во кои ќе се играат натпреварите од финалната серија“, изјави Темелковски за специјализираниот кошаркарски портал basketball.mk.

Финалната плејоф-серија почнува утре во „Градски парк“ (20 часот) со директен пренос на првиот канал на МТВ. Се игра до три победи. Нашата екипа првиот домашен меч ќе го одигра в среда во истиот термин.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и осум титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: АСНОМ БР.1, 1000 Скопје

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page