Испечатете ја страната

Колективно и со добра одбрана до убедлив триумф и до 2-1 во серијата со Блокотехна!

2018 13 Мај

Добрата игра во одбраната, поголемиот број асистенции (21-14) и помалиот број загубени топки (11-17) се главните причини поради кои кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва, на домашен терен, го совладаа тимот на Блокотехна (89-72) за водство од 2-1 во полуфиналната плејоф-серија која се игра до три победи.

Неизвесноста траеше само во првите неколку минути, по што сино-белите со серија 16-3 дојдоа до предност од 12 поени (23-11), која потоа умешно ја одржуваа до крајот на средбата. Противникот посериозно се закани само во третиот период, кога во неколку наврати намали на минус пет, а имаше и можност да дојде и до негатива од три поени. Но, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов умешно го одбија нападот, а во последната четвртина, со 13-3 на стартот дојдоа до најголемата предност која им овозможи мирен финиш.

Андрија Бојиќ со 22 поени и осум скока беше најдобар кај МЗТ, Дарко Соколов постигна 15, Дамјан Стојановски реализира 13 поени со четири украдени топки, а Лалиќ застана на 12 поени.

Следниот меч од серијата се игра веќе задутре (вторник) и тоа во салата во Негорци, каде што аеродромци ќе ја имаат првата меч-топка за пласман во 13-тото финале од плејофот во клупската историја.