Испечатете ја страната

Со сите сили по ново водство во полуфиналната серија со Блокотехна

2018 13 Мај

Без право на грешка и со желба повторно да дојдат до водство во серијата, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе ја пречекаат Блокотехна (18 часот) во третиот меч од полуфиналето од плејофот.

Сино-белите го добија првиот меч на домашен терен, а потоа не успеаја да направат „брејк“ во првото гостување во салата во Негорци, поради што избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов влегуваат со огромен императив односно да го преземат водството. Со евентуални 2-1 притисокот пред следното гостување во Гевгелија би се префрлил на страна на противникот, што автоматски би ни ги зголемило шансите за триумф и за пласман во големото финале.

Аеродромци се свесни дека мора да одиграат далеку подобро во одбраната со оглед што на претходниот дуел примија дури 106 поени. Нападот засега функционира добро, што значи дека со агресивна и квалитетна дефанзива патот кон посакуваната цел ќе биде многу полесно да се изоди.

„Мора да одиграме многу подобро во одбрата, тоа е клучот за евентуална победа во вечерашниот дуел со Блокотехна. Верувам ќе покажеме дека големиот број примени поени во Гевгелија биле само плод на лош ден и дека знаеме и можеме да одиграме многу поквалитетна дефанзива. Важна ќе биде и поддршката од трибините, верувам дека нашите навивачи ќе го препознаат моментот и ќе дојдат да ни помогнат заеднички да се радуваме на крајот“, вели Андрија Бојиќ, едно од најпријатните изненадувања во вториот дел од сезоната.

Против Блокотехна сезонава одигравме дури седум меча, а досегашниот меѓусебен скор е 4-3 во наша корист. Во првенството е 3-3 додека малата предност ни ја носи триумфот во полуфиналето од Купот на Македонија. Судии на натпреварот ќе бидат Александар Милојевиќ, Алија Феревски и Александар Давидов, а делегат Зоран Николовски.

Билетите денешната средба  се веќе во продажба и тоа по цена од 50 денари, а можат да се купат на билетарницата пред СЦ „Јане Сандански“ како и онлајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/. Овој дуел нема да биде телевизиски пренесуван, но предвиден е пренос на интернет.