Испечатете ја страната

Во Гевгелија одиме по „брејк“ вреден речиси сигурно финале од плејофот!

2018 10 Мај

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром утре вечер (18.30 часот) ќе ѝ гостуваат на Блокотехна во вториот меч од плејоф-полуфиналето, во обид да направат „брејк“ кој би значел и речиси сигурен пласман во големото финале.

Сино-белите водат со 1-0 во серијата што се игра до три победи и со евентуален триумф во Негорци ќе дојде до предност која противникот ептен тешко потоа ќе може да ја достигне со оглед што третиот дуел пак се игра во „Јане Сандански“, в недела. Ова дефинитивно носи дополнителен мотив кај избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, кои веќе покажаа дека знаат како да победуваат на гости кај Блокотехна со оглед на триумфот на последниот меѓусебен меч во Гевгелија во кој победивме со 75-66.

Здравствениот билтен во екипата е извонреден, сите 12 кошаркари му стојат на располагање на стручниот штаб, подготвени да дадат сѐ од себе за да се обезбеди триумф кој можеби ќе значи и клучен исчекор кон 13. финале од плејофот. Формата е во нагорна линија, во серија сме од пет победи по ред, моментум кој и тоа како може да пресуди во овој дуел во салата во близина на Негорски бањи.

Судии на натпреварот ќе бидат Александар Милојевиќ, Александар Павлов и Зоран Митровски, а делегат Антонио Теофиловски. Предвиден е телевизиски пренос на Македонската телевизија (МТВ).